Универзитетските професори Светомир Шкариќ, Гордана Силјановска – Давкова, Рената Дескоска, Тања Каракамишева – Јовановска, Јетон Шасивари, Александар Спасов и Денис Прешова ги разгледуваа правните аспекти за одложување на парламентарните избори закажaни за 12 април, соопштија од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
„На средбата се дискутираше за повеќе можни решенија што произлегуваат од Уставот на Република Северна Македонија. Консултациите за начинот на одложување на изборите ќе продолжат и во следните денови“, соопштија од кабинетот на Пендаровски, од каде воедно додадоа дека на средбата биле присутни и претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и премиерот Оливер Спасовски.
Инаку, консултацијата со правни експерти беше договорена на денешната лидерска средба кај шефот на државата на која се потврди определбата за одложување на изборите, меѓутоа треба да се изнајде правен модалитет за спроведување на оваа одлука, со оглед дека собранието е распуштено.