Илинденската организација во Софија, повеќе од четврт век ги чувала моштите на Гоце, сè до октомври 1946 година. Пред да биде изнесен од домот на Чаков, на ковчегот бил запишан заветот: „Ги заколнуваме поколенијата, светите коски да бидат погребани во идната столица (главен град) на независна Македонија. Август 1923, Илинден“
Пишува: Стојан АНДОВ
Македонците во Бугарија, или како Пиринци или бугарски Македонци, сe староседелско население, кое претежно живее во Пиринска Македонија, во југозападниот дел на денешната Република Бугарија. Но, во определени периоди постоело и иселување од политички и од економски причини, од другите делови на македонската регија, што влијаело врз зголемувањето на бројот на Македонци во Бугарија.
Иселувањето се одвивало во неколку поголеми бранови: средниот век, во ренесансата, по ослободувањето на Бугарија од турската власт, по Илинденското востание, по Балканските војни и Првата светска војна. Македонската емиграција во Бугарија сe сметала за најголема македонска емиграција во светот, со огромен интелектуален потенцијал и големо културно наследство.
МАКЕДОНСКИ ЕМИГРАНТИ
За време на Втората светска војна се сметало дека во Бугарија има неколку стотици илјади доселени Македонци, а во 1946 година, кога е формирана заедница на македонските културно-просветни друштва, во расправите околу формирањето на културно-просветната заедница се споменувале разни цифри на македонски емигранти во Бугарија, а најчесто се споменувало дека таму има околу 500.000 македонски емигранти.
Според државната статистика на Република Бугарија на последниот одржан попис во 2011 година, како Македонци се изјасниле 1.654 жители на Бугарија (0,02%), а на пописот од 2001 имало 5.071 Македонец. Но, според Красимир Канев, претседател на бугарскиот Хелсиншки комитет, во 1998 година, нивниот број бил неколкупати поголем. Во извештајот, Канев наведува бројка од 15.000 до 25.000 етнички Македонци во Република Бугарија.
Невозможно е да се каже колкав е точниот број, особено поради фактот што различни извори даваат спротивставени податоци. Сепак, сите се согласуваат дека голем број (над два милиони, вклучувајќи и од мешани бракови) од граѓаните на Република Бугарија се потомци на доселеници од Македонија, кои како емигранти или бегалци својот дом го нашле во Бугарија.
Според официјалниот став на бугарската држава, поимот Македонци означува жители на одреден регион во државата и Македонците се дел од бугарскиот народ. Политички, Македонци се само граѓаните на Република Македонија што живеат во Бугарија (вклучително и Албанците од Македонија) е службен став на бугарската држава.
Според Стојко Стојков, еден од водачите на ОМО Илинден – Пирин, во Бугарија живеат од 5.000 до 10.000 луѓе што се декларираат како Македонци, но претходно нивниот број бил до 187.000. Со оглед на одбивањето да се регистрира ОМО Илинден – Пирин, останува да се претпоставува дека оваа бројка е блиска до вистинската.
„СПОГОДБАТА ТИТО – ДИМИТРОВ“
Меѓутоа, во периодот по завршувањето на Втората светска војна, односите меѓу ФНР Југославија и во тој контекст на НР Македонија и НР Бугарија особено се развиваат.
Од 17 јули до 3 август, во Југославија престојувала бугарска делегација предводена од Георги Димитров, при што бил потпишан Бледскиот договор, наречен „Спогодба Тито – Димитров“ за повеќе билатерални договори меѓу ФНРЈ и НР Бугарија, на 1 август 1947 година, во Блед, СР Словенија.
Овие договори го означувале обостраното тежнеење и настојување да се продолжат и да се развиваат нови односи меѓу двете земји. Договорот бил пример за тоа како во текот на Студената војна е возможна мирољубива и блиска соработка меѓу држави и народи, кои во минатото, па и во последната војна биле непријатели.
Договорот го отворил патот за идно обединување меѓу државите во нова т.н. Балканска Федеративна Република. Договорот ги укинал визите и дозволил царински сојуз. Предвидувал и обединувањето на Вардарска Македонија со Пиринска Македонија во рамките на ФНР Југославија и враќање на т.н. западни покраини од СР Србија на Бугарија.
Со тоа, за првпат Бугарија ги признала Македонците и македонскиот јазик. Овие договори ги обележуваат меѓусебните аспирации и напори за развој на нови односи меѓу Југославија и Бугарија.
Тие се согласиле НР Бугарија да ги осигури правата на Македонците во Пиринска Македонија (денес област Благоевград) во слободен национален, економски и културен развој, и воопшто односите на Бугарија кон НР Македонија.
ПРВИОТ ПОВОЕН ПОПИС
Во текот на преговорите, владата на ФНРЈ во протоколот на конференцијата во Блед навела дека се откажала од 25 милиони долари, на име воена отштета, кои НР Бугарија требаше да ѝ ги плати на ФНРЈ според мировниот договор.
Кога Информбирото ја засили својата кампања против ФНРЈ, КПЈ и југословенското раководство, владата на Република Бугарија еднострано го откажа Договорот за пријателство, соработка и заемна помош на 1 октомври 1949 година и сите други договори, освен одлуката за простување на воените штети.
Инаку, во декември 1946, во Народна Република Бугарија е извршен првиот повоен попис на населението. Од вкупно 252.908 жители во Пиринска Македонија, 160.541 лицe, односно 70 отсто се изјасниле како етнички Македонци.
Бугарската држава до денес се обидува да најде објаснувања за тоа дека овој попис бил направен под присила или по грешка, но, покрај тој попис, остануваат работи кои до денес се необјаснети. Доколку станува збор за присила, кој можел да присили раководители на една суверена држава да го направат тоа?
Останува неодговорено прашањето дали под вакви услови биле пренесени посмртните останки на Гоце Делчев во Македонија. Некои од одговорите кои современа Бугарија се обидува да си ги даде се дека овој попис бил направен присилно.
Со наредба, која наводно била добиена како телеграма на 27 декември 1946, од околискиот управител до кметовите во Неврокопско се наредувало сите граѓани да бидат попишани како Македонци по националност, со исклучок на Евреите, Турците, Ромите и Бугарите што се дојдени од пределите на Бугарија. Наредено било, исто така, сите Бугаро-мохамедани да се попишуваат како Македонци.
„НАСИЛСТВО ВРЗ СОВЕСТА“
Според бугарски извори, за менување на народноста на Бугарите во регионот зборува и народниот претставник Борис Чанџиев од Неврокоп. Тој остро ја критикувал оваа политика на внатрешното министерство кон Бугарите. Населението, наводно според него, било огорчено од ова „насилство врз совеста“, а тие што се спротивставувале, биле заплашувани дека ќе бидат пријавени како фашисти и иселени од своите домови.
Ова „присилно“ менување на етничката припадност на Бугарите во Пиринска Македонија од страна на бугарските комунисти, под влијание на политиката на Коминтерната, ја потврдува и бившиот претседател на Република Бугарија, Петар Стојанов.
На 7 октомври 1946 година, во Софија почнала траорната церемонија – пренесување на посмртните останки на големиот син на македонскиот народ Гоце Делчев во Скопје, главниот град на тогаш Народна Република Македонија.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, загинал на 4 мај 1903 година во селото Баница, а три години подоцна биле откопани неговите останки и имаат долго патешествие.
Во 1906 година, војводите Михаил Чаков и Таската Серски, една ноќ отишле тајно во селото Баница во егејскиот дел на Македонија и ги откопуваат коските на Делчев. Потоа ги потопуваат во шпиритус, ги ставаат во сандак и ги положуваат кај олтарот на црквата во селото Баница, а клисарот Никола го задолжиле да ги чува коските.
За време на Балканските и Првата светска војна, селото Баница трипати било палено, а еднаш и црквата, но олтарот и сандакот со моштите на Гоце Делчев останале неоштетени. За да ги зачува коските, Михаил Чаков повторно бил во селото во 1919 година, ги зел моштите и тајно ги пренел во куќата во која живеел, каде што скриени во подрумскиот простор ги чувал четири години.
МОШТИТЕ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ
На Илинден 1923 година, ковчегот со посмртните останки на Делчев, по четири години, бил изнесен од куќата на Чаков и однесен да биде чуван во просториите на илинденската организација во Софија. Таа била организација на македонските револуционери – емигранти, кои биле следбеници на идеалите на Гоце Делчев за независна македонска држава.
Тогаш саркофагот бил изложен во црквата „Света Недела“ во Софија. Илинденската организација во Софија, повеќе од четврт век ги чувала моштите на Гоце, сè до октомври 1946 година.
Пред да биде изнесен од домот на Чаков, на ковчегот бил запишан заветот: „Ги заколнуваме поколенијата, светите коски да бидат погребани во идната столица (главен град) на независна Македонија, Август 1923, Илинден“.
Пренесувањето на коските на македонскиот револуционер во просториите на илинденската организација во 1923 година било документирано и снимено со камера од македонскиот револуционер и публицист Арсениј Јовков, во документарниот филм „Македонија“.
Филмот набргу бил забранет од бугарските власти, а една година подоцна, во 1924-та, Арсениј Јовков бил заклан по наредба на бугарскиот слуга Ванчо Михајлов.
Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, Македонија барала од Бугарија коските на Гоце да бидат пренесени во тогаш Народна Република Македонија. Според некои извори, тоа го побарал Димитар Влахов, кој имал блиски релации со тогашниот бугарски претседател Георги Димитров.
Предавањето на моштите на Гоце Делчев било одобрено од Димитров, чие потекло е од Пиринска Македонија. Македонците, во знак на почит, три дена (7, 8 и 9 октомври) пеш го носеле ковчегот од Софија преку Пиринска Македонија, Струмица, Штип до Скопје. На 10 октомври, Гоце Делчев е погребан во кругот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.