Во полициските станици низ Скопје вчера биле пријавени седум случаи на насилство, при што биле повредени десетина лица. Најмладиот од повредените е 15-годишно момче, меѓу повредените е и таксист кој бил нападнат од тинејџери кои ги превезувал до населбата Илинден.
15-годишното момче било нападнато во петокот спрема саботата од поголема група непознати лица. Инцидентот се случил додека тој и двајца негови другари шетале по кејот на реката Вардар, при што бил пресретнат и нападнат од лицата.
Нападот врз таксистот се случил истата вечер, неколку часа подоцна, кога 31-годишниот А.Ј. со своето такси возило превезувал две лица до населбата Илинден. Кога им рекол дека треба да платат тие излегле од возилото и почнале да бегаат, по што едно од лицата се вратило и физички го нападнало. Полицијата успеала истата вечер да го пронајде и приведе 17-годишниот А.С.
Истата вечер на булеварот „Трета Македонска Бригада“ биле нападнати четворица малолетници. Напаѓачи се две лица чиј идентитет не е утврден. Случајот го пријавил таткото на еден од тинејџерите, 41-годишниот Н.А. од Арачиново.
Нешто малку подоцна 19-годишник пријавил во полиција дека бил физички нападнат пред дискотека во градски парк. Како напаѓачи ги посочил обезбедувањето на објектот.
„Според пријавеното, во моментот кога П.С. и неговите другари излегле од дискотеката, непознато лице фрлило шише кон патничко возило „Ауди“, до кое тие застанале. Исто така, според пријавеното, тогаш им се доближиле И.Ц., Б.И.(23) од Скопје и Ф.М.(25) од Скопје, обезбедување во дискотеката, и побарале од нив да ја платат штетата бидејќи сметале дека тие го фрлиле шишето. Според пријавеното, во еден момент И.Ц. физички го нападнал П.С. и од паричникот му одзел пари“, информираа од полицијата.
Меѓу инцидентите се вбројува и оној пред менувачница, кога познат скопски хотелиер го претепал сопственикот на менувачницата.
„На 18 мај 2019 година во 15.45 часот во Полициската станица Центар, Б.П.(56) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 13.15 часот пред менувачница во која работел на ул.„Васил Главинов“ бил физички нападнат од лицето С.Ч., при што се здобил со тешка телесна повреда. Со лицето С.Ч. бил извршен разговор и по целосно документирањена случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопштија од МВР.
Вчера попладнето 18-годишник во полициска станица пријавил дека вечерта бил нападнат пред ноќен клуб на улицата „Кеј 13-ти Ноември“. По напаѓачите се трага.
Синоќа по полноќ, пак, било пријавено дека во угостителски објект на ул.„Мирослав Крлежа“ во Скопје, А.Г.(37) од Скопје бил физички нападнат од В.Н. и три непознати лица.