Седум полицајци го тужат Трамп за потикнување на нападот на Конгресот

by fokus

Седум полицајци задолжени за заштита на американскиот Капитол Хил го тужат поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп.

Тие во тужбата наведоа дека Трамп, во договор со десничарски екстремистички групи, поттикнал смртоносен напад врз Конгресот на 6 јануари 2021 година.

Во тужбата поднесена до федералниот суд во Вашингтон, полицајците наведуваат дека нападот бил кулминација на повеќемесечната реторика на Трамп, кој, како што тврдат, бил свесен дека постои потенцијал за насилство, кое активно го охрабрувал со надеж дека на таков начин ќе ја запре верификацијата на изборната победа на демократскиот претседател Џо Бајден, објави Гласот на Америка.

Тужителите тврдат дека Трамп направил заговор со екстремистичките групи „Горди момчиња“ и „Чувари на заклетвата“, како и десничарските политички оперативци Роџер Стоун и Али Александар, кои го промовираа говорот на Трамп во близина на Белата куќа непосредно пред нападот врз Капитол.

– Заедно со другите обвинети, Трамп намерно и упорно изнесуваше и ги охрабруваше лажните тврдења за украдени избори со цел да ги дискредитира изборните резултати и да го поттикне гневот на неговите поддржувачи, се наведува во тужбата.

Ова е најнова во низата граѓански тужби, со кои Трамп е повикан на одговорност поради настаните од 6 јануари, кога неговите поддржувачи упаднаа во Конгресот.

Рон Фишети, личниот адвокат на поранешниот претседател Трамп, се уште не одговорил во врска со тужбата.

Во врска со слична тужба поднесена од демократскиот конгресмен Ерик Сволвел, Трамп тврдеше дека неговите постапки биле слобода на говор, која е заштитена со Првиот амандман на Уставот на САД, и дека не може да биде обвинет според американското граѓанско право, бидејќи на 6 јануари дејствувал во рамки на своите претседателски овластувања.

Поврзани новости