Седум оскари за Oскар

by Фокус

Оскар Шиндлер е пример дека не биле сите Германци нацисти и дека секој нацист не бил Германец. Од безгрижен богат индустријалец , боем и женкар, станал спасител на близу 1200 Евреи. Го ризикувал животот за да ги оттргне од сигурна смрт, вработувајќи ги во својата фабрика

Пишува: Сања ЛУКАРЕВСКА

Пред неколку денови, по кој знае кој пат, го гледав Спилберговиот филм „Шиндлеровата листа“. Искрено, кога го гледав прв пат, не знаев ништо за Оскар Шиндлер, ниту дека навистина постоел, а уште помалку дека се работи за човек во злобно време.

И листата е вистинска. Случајно е пронајдена во кутиите на австралискиот писател Томас Кенили, кој е автор на романот „Шиндлерова арка“ според кој, пред 30 години, е сниман филмот кој доби седум оскари.

Денеска оригиналната листа со илјада имиња се наоѓа во библиотека во Сиднеј. Таа е историски документ со непроценлива вредност – список на спасени Евреи за кои германскиот индустријалец Оскар Шиндлер напишал дека му се „неопходни за функционирањето на неговата фабрика во Полска за потребите на војната“.

Со списоци на наводно квалификувани работници, со големо влијание како член на Нацистичката партија, со подмитување, со добиена партија покер…..со сите средства Шиндлер се обидувал да извади што повеќе луѓе од „Возовите на смртта “.

Зашто, да се изгуби бизнисот не е ништо во споредба со тоа да се изгуби човечноста. Оскар Шиндлер е пример дека не биле сите Германци нацисти и дека секој нацист не бил Германец.

Од безгрижен богат индустријалец (Хер Директор) , боем и женкар, станал спасител на близу 1200 Евреи. Го ризикувал животот за да ги оттргне од сигурна смрт, вработувајќи ги во својата фабрика.

ПЕРСОНИФИКАЦИЈА НА ДОБРОТО

Тој не е измислен ангелски лик, за кој писателот Кенили рекол дека е „тешко да се одреди каде престанал опортунизмот, а каде почнал алтруизмот“. Оскар Шиндлер е персонификација на доброто кое „се појавува на крајно неочекувано место и време“.

Затоа, некои со право велат дека, Шиндлеровата арка (листа) треба да биде задолжителна лектира која ќе потсетува и предупредува на тоа „колку се кревки засолништата кои ги градиме“.

Инаку, Спилберг најнапред одбил да го сними овој филм со образложение дека не е доволно подготвен, ниту како режисер ниту како Евреин. За среќа, го снимил.

И само маестралните Лиам Нисон (како Оскар Шиндлер), Ралф Фајнс (како суров нацистички офицер)  и Бен Кингсли (како сметководителот Ицак Стерн)  ја имаат силината на карактерот да „излезат“ од улогите со одјавната шпица. Но, се излегува ли така лесно од минатото во реалниот живот?

Не. Ниту комисии, ниту договори, ниту предлози, ниту декларации… Ништо од тоа не ги менува фактите, па дури ни нивното игнорирање. Одјавната шпица е само крај на филмот после кој ви се отвораат прашањата: колку многу и колку добро може да направи само еден човек – по цена на сопствениот живот да спаси 1.200 луѓе, односно 6.000 нивни потомци само во првиот наследен ред; толку ли е тешко да се признае мигот на гревот, да се соочи човек со вистината и со одговорноста…Тоа душа не зема ама мир на душата  дава. Толку ли е тешко?

„ЗАКОНСКИ ПОКРИЕН“ ЗЛОЧИН

Спилберг маестрално, во име на сите Евреи, му оддаде почит и го запозна светот со тоа дека Шиндлер не е име на компанија за ескалатори, туку презиме на еден Оскар, на еден човек кој на своите наследници им оставил мирна совест.

Но, Шиндлер во исто време го обелува и образот на многу Германци кои не се согласувале со Хитлеровиот „законски покриен“ злочин – Холокаустот. Зашто не биле сите Германци нацисти, ниту сите нацисти биле Германци.

Во првиот концентрационен логор „Дахау“, отворен во 1933 година во Баварија, првите „станари“ биле илјадници Германци кои одбивале да отпоздравуваат со крената рака изговарајќи „Хајл Хитлер“. Но, има еден кариерен европратеник на еден народ, кој тој „поздрав“ го употреби насред Стразбур, а потоа го нарече „невино мафтање“.

За да не се заборават „невините поздрави“,  Американскиот филмски институт ја рангираше „Шиндлеровата листа„ на 8 место од 100 најдобри американски филмови на сите времиња. Како филм со посебна вредност, со одлука на Конгресната библиотека на САД, е избран за трајно зачувување во Националниот регистар на филмови.

Оскар Шиндлер почива во Израел каде е прогласен за праведник. Зашто ниту сите Германци се нацисти, ниту сите нацисти се Германци.

За жал, злото се уште го има. И тука. И некои му слугуваат. Но, за среќа,  Шиндлер не е само име на компанија за ескалатори. Има и едни такви луѓе како Шиндлер. И тие се тука.

(Авторката е заменик-претседателка на СДСМ)

Поврзани новости