Четири болничарки и три медицински сестри од прилепското гинеколошко-акушерско одделение се позитивни на Kовид-19, а 9 здравствени лица кои биле во контакт се пратени во изолација.
Ова се најновите случаи на заразени здравствени работници во прилепската болница, објави МИА повикувајќи се на изјава на директорот на прилепската болница Драган Богојески.
Според епидемиолошкиот извештај нема други заразени, а надлежните велат дека одделението може да функционира со реорганизација. Според Богојески, инфекцијата е внесена од надвор од една болничарка.
„Инфекцијата е внесена однадвор од една болничарка и е раширена помеѓу останатиот персонал. Во изолација се 9 здравствени работници, нотирани со висок ризик кои биле во поблизок контакт со позитивните. Само првозаразената болничарка е хоспитализирана на инфективното одделение, а другите се на домашно лекување со помали симптоми. Направено е тестирање на сите здравствени работници во гинеколошкото одделение. Освен овие седум, нема други заразени“, вели директорот на прилепската болница.
Болничарката која е првозаразена имала некои симптоми на настинка, но мислела дека е обична настинка и не се сомневала на ковид-19 бидејќи немала сознание дека била во контакт со некој заразен. Таа се тестирала на коронавирус кога добила температура и по позитивниот резултат е хоспитализирана на инфективното одделение. Сите лекари во гинеколошкото одделение се негативни.
Според епидемиолошкиот извештај, пациентите не се загрозени бидејќи персоналот постојано е во заштитна опрема.
„Во моментов персоналот кој е присутен работи со пациентите, обезбеден со сите заштитни средства. Сакам да кажам дека можноста и ризикот се сведени на минимум за да се заболи или да се зарази некој од пациентите што доаѓаат на преглед како и пациентите кои лежат на гинеколошкото одделение. Попладнево се врши дезинфекција на одделението“,вели Богојески.
Со новите седум, во Прилеп вкупно има 22 заразени здравствени работници од почетокот на пандемијата, додека 15 досега се оздравени.
Во Прилеп, последнава недела се зголеми бројот на заразени, во просек по четири до пет нови случаи дневно. Активни се 36, од кои 29 пациенти се на домашно, а седум на болничко лекување. На инфективното одделение во болницата почина 82-годишен маж.