Седум медали за каратистите на „Макпетрол“ на Балканското првенство во Црна Гора

by fokus

Едно трето место во индивидуална конкуренција и шест бронзи во екипните настапи освоија каратистите на „Макпетрол“ на Балканското првенство што викендов се одржа во Црна Гора. Претставниците на скопскиот клуб, вкупно осум, беа дел од селекцијата на Македонија која што се натпреваруваше на шампионатот во Подгорица од 23 до 25 февруари.

Во поединечните настапи Викторија Јовановска освои бронза во категоријата -61 килограм. Таа ги оствари следните резултати против: Хана Дебељак (Словенија) 0-0; Луција Батаија (Хрватска) 0-1; Медина Бераковиќ (БиХ) 8-2. Во мечот за третото место Јовановска ја победи Елмедина Истогу од Косово со 4-1.

Во машка екипна конкуренција во борби освојувачи на бронза од „Макпетрол“ се: Петар Заборски, Витомир Трајковски и Данило Божовиќ. Следните спортистки од скопскиот клуб освоија бронзени одличја во борби во екипна конкуренција: Викторија Јовановска, Ангела Мојсовска и Јована Мицовска.

Конкуренцијата на Балканското првенство беше навистина силна. Пропозициите за учество дозволуваа да се пријават најелитните и најдобро рангирани четири спортисти од секоја држава во секоја категорија. Во Подгорица учествуваа спортисти од 13 држави кои што се соочија во машка и во женска сениорска конкуренција. Вкупно беа пријавени 298 учесници.

Поврзани новости