Со помош на интервенцијата на полицискиот хеликоптер и пожарникарите од доброволното противпожарно друштво од Свети Николе попладнево се извлечени седумте лица кои од пожарите во околината беа заглавени во куќа во село Стројменци, Свети Николе, информира Центарот за управување со кризи.
-Полицискиот хеликоптер фрлил вода врз огнениот обрач, направил дупка во огнот низ која брзо влегле пожарникари од доброволното противпожарно друштво од Свети Николе и со возила низ огнениот обрач ги извлекле животно загрозените заробени седум лица. Голема благодарност до храбрите доброволни пожарникари и храбрите македонски пилоти – изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Претпладнево, ЦУК информираше дека поради пожарите има блокирани лица во куќа во Стројменци, во близина на Свети Николе и се прават обиди за нивно извлекување.
-Денес е активиран и ЕУ механизмот за заштита и спасување и побарана е помош од воздухоплови. „Топлото време и ветрот прават уште поголеми проблеми при справување со пожарите – вели Ангелов.
Големи пожари има и во Дојран, но најголемата пожарна линија, според ЦУК, се движи од општина Свети Николе во насока на општина Куманово и моментално таму се делува со трите ер-трактори.
Пожари има и во Старо Негоричане, Куманово, Пробиштип, Кочани.