Седум години нема обвинител во Крива Паланка, без обвинители и Делчево и Свети Николе

by fokus

Веќе седум години нема јавен обввинител во Крива Паланка, поради што работата на оваа подрачје ја вршат обвинители од Куманово. Без обвинители останале и Обвинителствата во Делчево и Свети Николе, алармираше на денешната седница на Советот на јавните обвинители, претседателот Антонио Јолевски.

Поточно, членовите на Советот на оваа седница констатираа дека состојбата во основните јавни обвинителства е лоша. Според потребната систематизација во Основното јавно обвинителство Тетово е предвидено да работат десет обвинители, а во моментов во ова обвинителство работат двајца јавни обвинители.

Според годишниот извештај за работата на јавните обвинителства, заклучно со 2020 година, јавните обвинителства во земјава работеле со недостаток од 60-тина обвинители. Од предвидените 258 јавни обвинители, колку што предвидел Советот на јавни обвинители, до крајот на 2020 биле пополнети само 194.

Меѓутоа, и да се пополнети сите 258 места, повторно ќе има недостаток, бидејќи анализата што ја направиле од Јавното обвинителство покажува дека за нормално функционирање на обвинителствата потребни се вкупно 287 јавни обвинители.

Па така, ако се земе предвид оваа бројка (287) и бројката на јавни обвинители кои работеле заклучно со 2020 година (194) се доаѓа до пресметка дека на почетокот на минатата година имало недостаток од 93 обвинители.

На денешната седница на Советот требаше да се изберат пет обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но изборот беше одложен поради немање на кворум.

В.В.

Поврзани новости