Седум дена тешка неизвесност за семејството на исчезнатото момче од Неготино!

by Fokus

Поминаа седум дена откако нема никаков траг од 28-годишниот кик боксер од Неготино, Миле Тодоров. Момчето за последен пат било забележано на 30-ти јануари наутро, во Кавадарци, а неговиот мобилен телефон беше пронајден покрај реката Луда Мара, во областа позната како Три багрема, на патот помеѓу Кавадарци и Неготино.

Семејството на Миле за „Фокус“ вели дека и денес потрагата по него масовно се одвива. Биле ангажирани кучиња трагачи, службени екипи, доброволци, дронови…
Претходно, по Тодоров се трагаше и од воздух, со хеликоптер.

-Стручните екипи за потрага во вода завчера го пребараа речното корито на реката Луда Мара, долж течението во областа каде беше најден телефонот на брат ми. Тој дел беше чист, а се проверуваа и шахти. Денес се трага и покрај течението на реката Вардар, вклучени се многу екипи кои го даваат својот максимум.
Ние, како семејство, многу тешко се носиме со оваа неизвесност, помина цела недела и сите сме исцрпени.
Се заблагодаруваме на сите вклучени во потрагата, но и на сите оние кои ни пружија морална поддршка во овој мачен период. Секоја информација од јавноста во врска со случајот е добредојдена, вели Марија, сестрата на Миле.

Додава дека целото семејство, посебно нивните родители, минуваат низ претежок период, но не ги остава надежта дека тој ќе биде пронајден.

Во време на исчезнувањето, Миле бил облечен во работничко одело, бело палто и црн елек, а се работи за спортски граден човек, висок околу 185 сантиметри, со кратка коса.

Се апелира, доколку било кој има сознанија за случајот, веднаш да ја извести полицијата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости