Традиционалниот Скопски џез фестивал годинава ќе се одржува од 17-21 октомври на две локации во главниот град: Македонската опера и балет и Младинскиот културен центар. Главните карактеристики на ова фестивалско издание се ексклузивноста, уникатноста и храбрата програмска ориентација. Речиси сите концерти што ја сочинуваат програмата на фестивалот се специјални и ексклузивни по својот карактер и не претставуваат дел од турнеите на музичарите. Исклучок е настапот на David Murray Quartet со Saul Williams, што ќе го означи стартот на нивната европска турнеја.
Најдобриот британски џез пијанист денес, Alexander Hawkins, доаѓа од Лондон во Скопје само за еден пијано џез-рецитал. Иновативниот гитарски херој Arto Lindsay пристигнува од Рио, каде што живее кога не живее во Њујорк, а во Скопје ќе му се придружи извонредниот норвешки тапанар Paal Nilssen-Love, еден од најактивните и најпродуктивните скандинавски музичари во последните две децении.
Од Њујорк ни доаѓа веројатно најзначајниот и најкреативниот жив музичар во светот денес, трубачот Wadada Leo Smith, за единствена европска аудио-визуелна изведба на неговото ремек-дело “Reflections and Meditations on Monk”. Ексклузивен европски настап ќе има и култната њујоршка тројка Harriet Tubman, предводена од еден од водечките светски џез-гитаристи, Brandon Ross.
Специјален гостин на фестивалот е некогашниот фронтмен на култните Sonic Youth, гитарскиот гуру Thurston Moore, една од највлијателните, најинспиративните и најреспектираните фигури на денешната музичка сцена.
Со ексклузивни концерти ќе се претстават и младата скандинавска сензација, данската саксофонистка Mette Rasmussen, уникатниот многуброен женски вокален состав Trondheim Voices, со својот впечатлив аудио-визуелен перформанс, како и специјалното трио на многу фалената португалска трубачка ѕвезда Susana Santos Silva со извонредниот холандски саксофонист, кларинетист и композитор Ab Baars и со најдобриот џез-перкусионист во 2018 година според списанието DownBeat, чикашката легенда Hamid Drake. Од Финска, пак, за еден концерт доаѓа возбудливото и динамично џез-трио Mopo.
И конечно, последната фестивалска вечер е резервирана за Тони Китановски. Одбележувајќи ја 30-годишнината од почетокот на своето музичко патешествие, тој ќе настапи прво со својот најнов проект, квинтетот Panda 5, промовирајќи го во живо новиот албум “Big City Scare”, а во вториот дел ќе му се придружат некои од неговите најзначајни музички пријатели и соработници: Американците Jon Sass (туба) и Dave Wilson (саксофон), Перуанецот Piero Epifania Osambela (кахон), како и добропознатите балкански ѕвезди Васил Хаџиманов (пијано) и Асан Рашит (труба).