Седницата за советнички прашања на Град Скопје прекината, поради отсуство на Арсовска

by Fokus

Градоначалничката Данела Арсовска денеска повторно не присуствува на седницата за советнички прашања, поради што, на барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Трајко Славески даде пауза, со цел да се обезбеди нејзиното присуство на седницата.

По паузата откако Арсовска не се појава во салата каде се одржуваат седниците на Советот на Град Скопје, претседвачот на Советот Трајко Славевски ја прекина седницата.

Координаторката на оваа советничка група, Марија Андоновска, посочи дека градоначалничката веќе неколку седници не е присутна, дека не одговара на прашањата, а дека советниците не се запознаени ниту со еден од проектите што ги планира. Тоа според Андоновска значи дека Арсовска не е заинтересирана да одговори на прашањата што ги имаат граѓаните, што нејзина должност и нејзина обврска.

„Не знам која по ред е оваа седница за советнички прашања на која не е присутна. Не е присутна Арсовска кога треба да одговори на прашањата на граѓаните, не е присутна кога треба да се зборува за проблемите на грашаните, не е тука кога се носи ребаланс на Буџет, не е тука кога се носи Буџет, не е тука ни кога таа предлага свои точки, не е транспарентна дури ни да ги образложи овие точки и да каже што бара од овој Совет. Како планира да го направи овој град поубав, кога не е присутна на седница за да зборуваме за проблемите што ги мачат скопјани. Што е поважно за Арсовска , каде е таа и што е поважно од нејзината обврска да работи за Скопје и скопјани? Дали таа мисли дека до крајот на својот мандат ќе ги избегнува проблемите на скопјани? Како Арсовска мисли да продолжи понатаму е основното прашање?“, рече Андоновска.

Според неа на овој начин е блокирана работата на Советот и побара пауза за да се повика градоначалничката да се појави на седницата.

Арсовска вообичаебо е отсутна од седниците на кои се поставуваат советнички прашања.

По паузата советникот Александар Трајаносвки побара седницата за советнички прашања да продолжи и покрај тоа што градоначалничката е отсутна, бидејќи на седницата се присутни од сите сектори на Град Скопје, кои ќе можат да одговорат на прашањата и Славевски да се држи до деловникот за работа на Советот.

Сепак Славевски  ја прекина седницата за пратенички прашања, и ја одложи наредната закажана седница.

Поврзани новости