Заврши денешното продолжение на собраниската седница на која се расправа за одлуката за давање согласност на општите акти на Народниот правобранител. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, нејзиното продолжение го закажа за утре напладне.
Во текот на денешната седница, пратениците од опозицијата рекоа дека Народниот правобранител не се произнел за неговото делување и ја нагласија потребата за доуредување на законската регулатива за јакнење на улогата на оваа институција.
Народниот правобранител Иџет Мемети, пак, наведе дека со новата систематизација и организација само ќе му се овозможи целосна независност од извршната власт.
По оваа точка, следна точка на дневниот ред е разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски, но со „тактиките“ на опозицијата за одолговлекување на седниците, не се знае кога таа точка ќе стигне на ред.