Пратениците денеска во рамки на 57-та седница на Собранието ја продолжија расправата за Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2021 година.
Пратениците од опозицијата сметаат дека овој Извештај е „поразителен“ за нашата земја бидејќи, како што рекоа, оваа власт ќе ја донесе нашата држава на дното. Според ВМРО-ДПМНЕ, Извештајот ја истакнува „алчноста на оваа власт“ и дека „неспособни луѓе и институции ја водат земјата во погрешен правец“, додека „слабото рангирање е резултат на слабиот, корумпиран и партизиран судски систем“, а „корупцијата на власта ја уништи економијата“.
Пратеникот Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за случајот со убиството на ракометарот Тот. Според него, власта нема поддршка од народот, нема сериозен напредок во судството и итно се потребни нови избори.
– Со СДСМ ние сме далеку од портите на Европската Унија, рече Јаулески.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, реплицирајќи му на Јаулески потсети на криминалот во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Масовно крадење на државни пари и употреба во партиски цели за крадење на избори. Знаете како се вика тој ваш проект? „Титаник 1 и Титаник 2“. Во тие предмети има тројца секретари на ВМРО-ДПМНЕ, кои што потврдија дека тоа го правеле во интерес на партијата. Тројца секретари на ВМРО-ДПМНЕ. Најдобар проект ви е овој новиот „Плацови на Водно“. Таму велите во тој дел со СДСМ сме биле далеку од ЕУ, а со ВМРО-ДПМНЕ за џабалк се земаа плацови на Водно, кој до ден денес не можат да се добројат колкав е имотот и на чие име од вашите функционери, рече Маричиќ.
Тој се осврна и на тоа што поранешниот премер Никола Груевски се најде на „црната листа“ на САД.
– Вашиот вистински лидер Груевски се најде на црната листа на САД. Замислете за што, за масовна злоупотреба на своите овластувања и за корупција од огромен обем со сите негови компании во Унгарија и со сиот негов достапен имот насекаде, рече Маричиќ.
На обраќањето на Маричиќ, реагираше партеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, која укажа дека не е во ред така да се однесува, зборува и „напаѓа“ пратеник од опозицијата во Собранието.