Собраниската расправа за избор на нова влада ќе трае цел викенд, а опозицијата најавува дека ќе ги искористи своите институционални можности, кои предвидуваат расправата да трае два дена, па се очекува собраниската седница да почне денеска во 11 часот, а да заврши во недела на полноќ.
-ВМРО-ДПМНЕ максимално ќе ги искористи своите институционални можности и ќе учествува на 48-часовната расправа со цел македонската јавност да се увери дека ова е уште една резервна и како и претходната, неспособна влада на СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ за Фокус.
Според процедурата, расправата за избор на нова влада трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа по нејзиното завршување, односно најдоцна до 24 часот вториот ден или во случајов во недела до полноќ. Владата е избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници во Собранието.
Согласно собранискиот Деловник, мандаторот ја образложува програмата и предлогот за состав на владата на седницата на Собранието, на која се врши нејзиниот избор. По програмата на мандаторот и предлогот за состав на владата, Собранието води единствен претрес.
Во Деловникот е предвидено дека редоследот на пратениците кои ќе учествуваат во претресот го утврдува претседателот на Собранието на начин кој обезбедува учество на пратеници од различни политички партии застапени во Собранието. Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање.