Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе заседава, на барање на Велика Британија, Франција, Еквадор, Словенија и САД, поради нападот на руската армија врз Киев во кој загинаа 34 лица, а беше оштетена главната детска болница, објави Ројтерс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно најави дека Украина ќе побара состанок на Советот за безбедност на ОН, додавајќи дека Киев очекува конкретни чекори од западните партнери за зајакнување на нејзината воздушна одбрана и заштита на енергетскиот сектор за време на самитот на НАТО оваа недела.
Постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации, Василиј Небензја, вчера оцени дека обвинувањата на ОН против Русија за нападот на болницата „Окматдит“ во Киев се „манифестација на двојни стандарди“.
Небензја изјави дека се сретнал со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и му ја пренел истата порака.
Според неговите зборови, Советот за безбедност на ОН бил вклучен во „валканата пропагандна кампања на Киев“.
Тој праша и како украинската воздушна одбрана пропуштила пет удари врз објект кој се наоѓа на 2 километри од болницата, но ја погодил медицинската установа, пренесува „Известија“.
– Дали господинот Зовнир (генерален директор на детската болница Окматдит) разбира дека ако беше руска ракета немаше да остане ништо од зградата? Децата и возрасните би биле мртви, а не повредени – нагласи Небензја.