Врховниот суд донесе одлука за враќање на Републичкиот дом на државата и наместо досегашниот сопственик – ССМ, од сега тоа ќе биде државата.
Врховниот суд одлучуваше по тужба од државата, а, како што наведуваат оттаму во предметот не била ангажирана претседателката на судот.
„Правниот претходник на ССМ бил општествено политичка организација, која не обавувала стопанска дејност, поради што немала и не можела да има сопствени приходи за стекнување на имот. Одборот за стопанство донел решение за изградба на Работничкиот дом со сума од 427.968.146 динари (половина милијарда динари), па со сигурност може да се изведе заклучок дека објектот е изграден и стекнат со средства на Република Северна Македонија како правен следбеник на тогашната НР Македонија“, се вели во пресудата на Врховен суд.
За ССМ одлуката на судот е неприфатлива. Велат дека зградата во центарот на Скопје, вредна 8 милиони американски долари, била градена со пари на работниците. Нејзиното одземање го оценуваат како притисок врз синдикатот.
„Објектот го преживеа земјотресот од 63-та, ќе го преживее и потресот од Врховен“, велат од ССМ.