Дијагностициран ѝ е висок крвен притисок, болки во нозете, а шеќерот ѝ варира, овие дијагнози ги заработила текстилната работничка Снежана Костадиновска во изминатите 37 години низ штипски конфекции. Педесет и осумгодишната Костадиновска најдобро ја опишува работата на една текстилна работничка, 30 години работела на нога, како контролор на производството, а седум години свиена на 30 сантиметри од машината во шиење.
– Седиш на машината, шиеш, кичмата ти е укочена, кому и да кажеш, никој не ти верува. Стоиш на нога цел ден, нозете те болат, притисокот ти варира. Никој не ти верува, мораш да работиш, вели Костадинова.
За вакви проблеми сведочат и останатите текстилни работнички што беа опфатени во анкетата на активистите од НВО „Гласен текстилец“ – Штип, кои заедно со експертите Елисавета Стикова од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје и Милан Петковски од Здружението за заштита при работа ги направија истражувањата и првата анализа „Безбедност и здравје при работа во македонската текстилна индустрија“.