Се зголемува капитацијата на матичните лекари-општи, гинеколози и стоматолози

by Fokus

Матичните лекари, гинеколози и стоматолози ќе добијат зголемување на капитациониот бод за 8 денари или 15 проценти. За оваа цел од Буџетот се обезбедени 465 милиони денари, соопштија на прес конференција двајцата директори на ФЗОМ, Ден Дончев и Орхан Рамадани, министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев.

За сметка на тоа лекарите од примарното здравство ќе го понесат товарот на превентивата(карцином на дојка, прекумерна тежина на децата), ќе ги следат и ќе препишуваат терапија на хроничните болни, ( пример, менталните болести, бронхијална астма), што досега не можеа да го прават.

„Со ова матичните лекари ќе можат да пружат подобри услуги, ќе се избегне праќањето на во секундарно и терцијално здравство, а се поттикнува превентивната заштита’, рече Дончев на денешната прес конференција во Владата.

За 15 проценти зголемени се и средствата за надоместок на специјалистичките ординации . За оваа цел се обезбедени 62 милиони денари годишно. Од 1. ноември од 16 на 18 проценти се зголемува надоместокот за одредени лекови, а 180 денари по рецепт за скапите лекови.

Министерот Филипче рече дека ова е дел од реформата за дијагностичко сродни групи започната минатата година, која се базира на словенечкиот модел.  Филипче не смета дека префрлајќи го товарот на матичните лекари за специјалистички области може да дојде лекарски грешки.

„Тие ќе се ориентираат на превентивата повеќе, а ќе го следат она што го препорачал специјалистот. Матичните лекари ќе можат да препишуваат лекови кои досега не можеа да ги препишат без дозвола од специјалист“, рече министерот Филипче.

Се зголемува и надоместокот на приватните специјалисти стоматолози  кои имаат договор  со ФЗОМ ќе добијат исто така зголемување. Специјалистите по протетика и  рална хирургија наместо 90 000 денари ќе добиваат 103 000 денари или 15 проценти зголемување. Надоместокото на стоматолозите ортодонти од 97 000 денари се зголемува на 111 000 денари или тоа е 15 проценти зголемување.

„Тоа значи дека овие специјалисти ќе имаат можност за поширок спектар на услуги или да го зголемат бројот на интервенции.  Има зголемување за сите останати дејности на специјалисти кои имаат договор со ФЗОМ и тоа зголемување изнесува исто така 15 проценти. Нашата цел е да се подобри нивото на примарната здравствена заштита за 2020 година, како и квалитетот на услугите. Со тоа повеќе лекари ќе останат во државата, а граѓаните ќе бидат позадоволни од квалитетот на услугите“, рече премиерот Заев.

Според премиерот, оваа стимулација со повисока вредност на капитацијата ќе мотивира поголем број лекари од општа пракса да специјализираат семејна медицина, а проширувањето на поголем број услуги од страна на медицинските сестри ќе поттикне вработување на трет или четврти член во тимовите на матичните лекари.

Во врска со укинувањето на квотите за лекови од 1 октомври, рече дека овој месец граѓаните можеа да се уверат, има достапни лекови во текот на целиот месец.

“Сега има достапни лекови цел месец, нема редици во првите денови,нема паника и страв дека пациентите ќе останат без лекови“, рече Заев.

 

Поврзани новости