Се засилуваат активностите повторно да се отвори Лекторат по македонски јазик во Тирана

by fokus

Иницијативата повторно да се отвори Лекторат по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, по заложбите на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), веќе се забрзува со сигурни чекори, информираат од Меѓународниот семинар.

Интерес, подготвеност и подадена рака за вложување во перспективите на македонистиката во Албанија, сега има и од тиранскиот Факултет за странски јазици, со желба токму Лекторатот по македонски јазик да е централна точка на натамошната соработка и на развивањето на врските меѓу двете академски заедници – македонската и албанската. Заложбите постануваат взаемни и се засилуваат, што е клучно за иницијативата да се оствари до крај.

На 19 мај оваа година, во Тирана се одржа работен состанок на директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, деканката на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, проф. д-р Есмералда Кромида, продеканката за меѓународна соработка, проф. д-р Дрита Рира и македонскиот амбасадор во Албанија, Н.Е. Данчо Марковски.

Состанокот во целост беше посветен на перспективите на македонистиката, а следеше откако МСМЈЛК при УКИМ веќе ги има остварено и сите чекори пред македонските институции за да се создадат услови за избор на лектор кој ќе ја изведува наставата по македонски јазик во Тирана, односно за обезбедување финансиски средства за функционирање на Лекторатот.

– Македонскиот јазик, литература и култура да се изучуваат на повеќето универзитетски центри во културните и академски средини каде што има интерес за македонитиката – ова е наша цел и определба за чиешто остварување секојдневно работиме. Затоа, имајќи го предвид забележливиот интерес за македонистиката и во Албанија, каде македонската заедница е втора по бројност меѓу малцинствата и каде преку друштвото „Илинден“ беше истакната потребата од факултетска настава по македонистика, изминатиов период толку силно се залагаме иницијативата за повторно отворање на Лекторатот да се оствари, со цел да се овозможи студентите кои студираат јазици на Универзитет во Тирана да можат да го изучуваат и македонскиот јазик. Но, мора да се има предвид дека за да се оствари секоја ваква иницијатива, неопходно е да има интерес и желба и подготвеност за соработка и од Универзитетот, односно Факултетот на кој треба да функционира лекторатот. Оттука, клучно е што по заложбите изминатиот период, оваа иницијатива ја прифааат и колегите од тиранскиот Факултет за странски јазици, затоа што без тоа, објективно, целосното остварување на иницијативата би било невозможно или многу потешко остварливо. Се надевам дека со овој работен состанок, заеднички започнавме едно важно и убаво поглавје на развојот на македонистиката и во Албанија, кое посакуваме да биде пример и за другите иницијативи за присуство на македонистиката на странски универзитети за кои се залагаме, нагласи директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска, по работниот состанок. 

Според неа, уште поважно е што на состанокот, во дискусиите се согледа дека прифаќањето на оваа иницијатива е со взаемна подготвеност не само за повторно отпочнување настава по македонски јазик, туку и за заеднички натамошни заложби за афирмација на македонистиката во Тирана и за постојано развивање на соработката, што како што напоменува, може да резултира со брз развој на Лекторатот.

 

Поврзани новости