Се заканува светски недостиг на дизел

by Fokus

Цените на суровата нафта на светските берзи растат од крајот на јуни кога се тргуваше по цена од 70 до 75 долари за барел. Повеќето аналитичари сметаат дека цената ќе надмине 100 долари за барел до крајот на годината, а тоа би можело да ја искомплицира ситуацијата со инфлацијата во ЕУ и во САД.

Состојбата со дизелот е уште полоша. Најверојатно ќе избие глобален недостиг, а со месеци цената на дизелот расте побрзо од цената на суровата нафта. Ефектот врз сопствениците на патничките автомобили со дизел е само мал дел од проблемот, бидејќи движењето на цените на дизелот се прелева во целата економија.

Недостигот од дизел веќе се чувствува низ целиот свет преку поскапувањето на ова гориво. На пазарот има недостиг од десетици милиони барели и покрај забавувањето на индустриската активност во Кина и ЕУ. Всушност, производството сè уште не се вратило на нивоата пред пандемијата.

Русија реши да ја искористи ситуацијата, па драстично го намали извозот на овој енергетски производ. Иако ова директно се однесува првенствено на кинескиот пазар, бидејќи САД и ЕУ воведоа санкции кон Русија, дефицитот поради послабиот увоз од Русија мора да се замени со увоз од други делови на светот. Кина е голем увозник на сурова нафта од Русија, но и на нафтени деривати како што е дизелот.

Рускиот извоз во 20-те дена од септември е за 30 отсто помал во однос на истиот број денови во август. Во четвртокот Кремљ отворено објави дека воведува ограничувања за извозот на дизел со цел да ги стабилизира цените на горивата на домашниот пазар. Беше најавено дека ќе биде привремено, но не беше даден точен или приближен датум кога ќе може да се укине забраната за извоз.

Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан се изземени од забраната, но не и Кина. Од официјалното соопштение на Кремљ може да се прочита дека мотивацијата лежи во тоа што и самата Русија има проблеми со поскапувањето на горивата. Според пишувањата на руските медиуми, земјоделците се пожалиле на високите цени за време на жетвата во август.

Поврзани новости