Бирото за јавна Безбедност со останатите надлежни институции отпочнале со координирана акција против компаниите и поединци инволвирани во сомнителната набавка на мазут што го загрозува здравјето на граѓаните и животната средина.
Се врши претрес и во домот на бизнисменот и поранешен директор на спортскиот центар Борис Трајковски, Ратко Капушевски, според неофицијални информации. Засега немаме потврда дека Капушевски е приведен. Од ОЈО ГОКК соопштуваат дека доцна попладнево се прават претреси за набавка на нафтени деривати
Неофицијално, откриена е мрежа на увозници кои спротивно на законот испорачале некаков вид на горива со сомнително потекло и квалитет. Овие горива најчесто содржат високи нивоа на сулфур, тешки метали или други штетни соединенија што можат да доведат до сериозно загадување на воздухот и почвата.
Според првичните информации се работи за огромна сума од околу 10 милијарди денари испумпани преку фиктивни договори за позајмици и посреднички услуги за испорака на сомнителни горива.
Капушевски во 2014 година ја напушти државната служба и потоа работеше како проект- менаџер во канцеларијата на контроверзниот руски бизнисмен Сергеј Самсоненко во Скопје, пред да го започне својот енергетски бизнис.
За името на Капушевски повеќепати беа врзувани контроверзни тендери за набавка на нафта и нафтени деривати за државни институции, а неговата компанија, РКМ, во последните години добиваше јавни набавки вредни стотици милиони евра.