Tелото на еден од двајцата починати пациенти на Инфективната клиника е дадено на обдукција со цел да се добие појасна слика, а меѓу другото и да се провери дали можеби станува збор за некаков вид на труење. Директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети, потврди дека тие веќе ги започнале и нивните испитувања, па попладне се очекуваат првичните резултати, дознаваат од Плусинфо.
Сомнежите најмногу се насочени кон хеморагична треска, но се уште нема официјална информација за какво заболување станува збор.
На вчерашната прес-конференција, директорот на Инфективната клиника и претседател на Комисијата за заразни болести, Звонко Миленковиќ изјавија дека на Инфективна во период од три дена починале двајца пациенти од Гостиварско. Биле татко и син, на возраст од 50 и 24 години, од селото Симница. На Клиниката хоспитализирани се седум лица, но засега се надвор од животна опасност.