Се вратија журките, народот заборави на пандемијата!

by Fokus

Играње, пеење, прегрнување, туркање, атмосфера како да не постои ковид-панедмија – тоа се дел од сликите од клубовите во земјава кои го одбележаа изминатиот викенд, а кои се споделуваа на социјалните мрежи. Ги објавуваат посетителите, додека пак клубовите единствено на своите страници споделуваат детали и најави за концертите на музичките гости. Фотографии и снимки од атмосферата, како што беше практика пред пандемијата, организаторите на настаните не објавуваат, но редовно на страниците потенцираат дека бројот на влезници е ограничен, според протоколите.

Голем број на регионални пејачи како едвај да ја дочекаа забраната за настапи, па во повеќе клубови во внатрешноста викендов настапуваа познати балкански музички имиња. Со свои настапи започнаа и наши музичари.

И публиката, очигледно уморна од долгите рестрикции, по разлабавувањето на мерките за заштита од вирусот, кој за жал се уште е реалност, како едвај да ги дочека журките.

Амадеус Бенд, Ален Хасановиќ, Едита, Два Бона, Тајзи, Реља, Саша Матиќ…се дел од музичарите кои со своите настапи ја започнаа сезоната, а некои од нив веќе се најавени како музички гости и во наредниот период во популарни летни клубови.

Цените на влезниците се движат од 250 денари, па нагоре. Така на пример, влезници за Амадеус Бенд во клуб во Гевгелија се продаваа по цена од 250 денари, за Едита во Пробиштип по 250 денари, додека пак во клуб во Штип, влезниците за Реља се 300, а за Саша Матиќ 400 денари. Со настапи во клубови и кафулиња започнаа и диџеите.

Веќе 12 дена, односно од 16-ти јуни, откако беа донесени последните владини одлуки за заштита од вирусот, ноќниот живот во локалите полека се враќа во својот колосек. Дозволено е организирање на настани само на отворено, со 50 проценти од капацитетот на просторот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 лица, а се укина и ограниченото работно време на локалите.

Да се забавуваме одговорно, најчесто е потенцирано на сите најави на настани од страна на летните клубови, а колку е тоа можно и изводливо во тек на журките, ќе покаже бројот на нови ковид случаи во наредниот период.

Вики Клинчарова

Поврзани новости