Се враќа стариот сјај на Дојран, се бара лежалка плус!

by Fokus

Пеколните температури, но и ковид-процедурите неопходни за патување во странство, за викендот го преполнија Стар Дојран со туристи. Посетители кои дошле на еден ден, на викенд, или пак на летување, од сите краеви во земјава, но и од соседна Србија, уживаат во нашиот бисер, кој е и транзитна туристичка дестинација.

Плажите беа буквално преполни, а се бараше лежалка плус. Слично како и во познатите летувалишта, и овде уште во раните утрински часови се доаѓа на плажа, со цел да се зафати лежалка. Веќе на пладне, слободни лежалки, или пак маси во локалите покрај плажите, тешко можат да се најдат.

Преполн е и базенот кој во склоп на хотел функционира во центарот на Дојран, а пристапните цени се само причина плус за големата навала на народ. Влезницата е сто денари. Сто денари за лежалка, кафе за 50 денари, безалкохолни пијалоци за 60 или 70 денари, како и специјалитети од риба во рестораните по цени од 250 денари, па нагоре, ги преполнија и угостителските објекти. Се чека на слободна маса, има голема раздвиженост, а на шеталиштето се делат бесплатни освежителни пијалоци на посетителите, поради високите температури.

Езерската вода е доста топла, па крајбрежјето е преполно со капачи, а на тревата под дебелите јаворови сенки во центарот полно е со излетници. И сместувачките капацитети се полнат, актуелни се приватните апартмани по цена од околу 1.500 денари за ноќевање, како и хотелите, каде цените за ноќевање со појадок за едно лице се движат од 1.500 денари, па нагоре.

-Вака не било уште од осумдесеттите години на минатиот век. Се враќа стариот сјај на Дојран, на плажите нема каде игла да се фрли. Дојран има голем потенцијал, а и ние се трудиме да го подобриме менаџирањето. Така на пример, ако во минатото изнајмувавме соби со заедничка бања, за ниски цени, сега веќе сме далеку понапред, инвестиравме и нудиме модерни апартмани, со засебен влез и бања, одиме во чекор со напредните туристички дестинации. Се испостави дека има голема вистина во она, дека колку повеќе ќе вложиш, толку поголема добивка можеш да очекуваш – велат локални жители, кои се сопственици на познати апартмани во Дојран.

И сопственици на угостителски локали потврдуваат дека лани, а и оваа година, Дојран си го враќа својот сјај и се работи под полна пареа.

-Мора да се следат трендовите. Редовно да се нудат интересни понуди на туристите, да се реновира, да се внимава на деталите. Постепено, Дојран добива се повеќе модерни локали, ама внимаваме и на цените. Целта ни е посетителите да си одат задоволни и пак да ни се вратат – вели вработен во угостителски локал покрај крајбрежјето.

Локалните жители во тек на летото очекуваат голем број на посетители и од соседна Србија, кои на одење во Грција застануваат да одморат на неколку часа, или пак се решаваат да преноќат. Летово за нив е обезбеден бесплатен паркинг и попусти во туристичко-угостителските објекти, како гест на благодарност поради солидарноста за донираните вакцини.

-Има многу возила со српски регистарски таблички, што е само показател дека српските туристи се почесто се решаваат да не го одминуваат Дојран. Не радува оваа раздвиженост. Лани во Дојран имавме околу 100.000 ноќевања, оваа сезона да се надеваме на уште повеќе-велат сопственици на сместувачки капацитети.

Вики Клинчарова

Поврзани новости