Иако сѐ уште нема официјални изборни резултати, поточно во среда ќе се прегласува на седум места , сепак лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски веќе ги почна преговорите со партиите, со кои планира да коалицира во идната влада. Меѓу нив е и албанската опозиција ВЛЕН, која на овие парламентарни избори освои 12 мандати.
Мицкоски и Таравари веќе неколку пати седнаа на преговарачка маса за да ги дефинираат министерските места и дали спикерот на Собранието дефинитивно ќе оди во рацете на Албанците.
Па, нормално, лека-полека ќе почне да се прават преговори – кој ќе ја заземе фотелјата во Министерството за здравство?
Сѐ уште е рано да се игра со имиња, но од актуелната победничка партија да седнат на министерското столче желба имаат Игор Николов, претседател на Комисијата за здравство во ВМРО-ДПМНЕ, но тука е и детскиот хирург Ристо Симеонов, кој е извршен член на партијата и доктор во приватната болница „Систина“, а претходно беше директор на Детската хирургија во времето на Никола Груевски.
Сепак, според досегашната пракса, министерот за здравство обично доаѓа од редовите на албанскиот блок, поточно партијата што ќе коалицира со победниците.
Со оглед на досегашните случувања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ уште од првиот круг, па сѐ досега тврди дека нема никаква намера да коалицира со ДУИ, туку со ВЛЕН, каде што на министерското столче може да седне и неврологот Арбен Таравари, кој претходно беше министер само еден месец.
Но, уште поголеми шанси има старо-новиот министер Фатмир Меџити, негов најблизок сопартиец и кум, кој беше сменет пред само неколку месеци, кога „пукна“ тиквата меѓу Таравари и Зијадин Села.
Како и да е, ако првиот човек за здравство отиде во албанскиот блок, тогаш дефинитивно заменик-министер ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Меџити беше министер за здравство неколку месеци, пред да „пукне“ тиквата меѓу Села и Таравари, па беше разрешен на собраниска седница.
Ирена Мулачка