Хрватската полиција интензивно трага по 13-годишниот Иван Лалиќ, кој исчезна во понеделникот во загрепската населба Ланиште.
Попладнево поради исчезнувањето на тинејџерот полицијата го активираше т.н НЕНО аларм.
НЕНО е кратенка за Националниот регистар на исчезнати лица, а алармот за граѓаните се активира преку социјалните мрежи.
Според податоците од Националниот регистар на исчезнати лица, Иван Лалиќ е роден во 2010 година, висок е 160 сантиметри, црна коса и кафени очи.
Тој во моментот на исчезнувањето носел сини фармерки, дрес со натпис „Динамо“ и „Петковиќ“, а носел ранец во темна боја и кафени патики, пренесува „Индекс.хр“.
Хрватската полиција го пушти во функција алармниот систем НЕНО на крајот на 2022 година, а тоа е хрватската верзија на она што во САД е познато како „Amber Alert“.
Доколку се случи исчезнато дете, МВР ја известува компанијата Мета, која потоа активира предупредување или НЕНО аларм до корисниците на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм во радиус од 160 километри од местото каде што последен пат било видено детето.