Се вадат канделабри и урбана опрема за да се намести бината на градскиот плоштад во Куманово каде вечер треба да се одржи трибина на „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ и е најавено да се обратат претседателот на партијата и премиер, Зоран Заев и кандидатот за градоначалник на СДСМ, Оливер Илиевски.
Фотографии од извадените канделабри и моменталната состојба каде што се подготвува бината на својот Фејсбук профил објави актуелниот градоначалник и независен кандидат за уште еден мандат, Максим Димитриевски кој го обвини својот противкандидат за вандализам.
-Додека ние го градиме градот ти наместо да го штитиш јавниот имот го уриваш, нови клупи, канделабри и урбана опрема на градски плоштад, се уништува јавен имот за да се постави бина. Оваа никогаш не било вака, зарем Куманово го заслужува оваа? Зошто ваков вандализам, на кого даваш пример? Зошто го правиш оваа Оливер? Срамота!, напиша Димитриевски.
Илиевски пак за „Фокус“ вели дека Димитриевски шири лажни вести и дека елементите што биле отстранети повторно ќе бидат вратени во првобитна форма.
-Се моли градоначалникот во заминување да не шири лажни вести и лажни информации дека нешто се уништува или крши. Во моментов се поставува сцена на градскиот плоштад за вечерашната граѓанска трибина на СДСМ. И самиот градоначалник во заминување знае дека кога се поставува и монтира сцената, се отстрануваат сите елементи од тој простор и повторно се враќаат назад во првобитна форма и локација. СДСМ ја има поддршката од граѓаните и затоа ќе победи на следните избори, додека некој безидејност и очај се обидува да шири лажни информации, знаејќи дека го чека голем пораз од страна на граѓаните на овие локални избори, вели Илиевски.
Тој е сигурен во победа на 17 октомври и верува дека Куманово ќе остане бастион на СДСМ.
-Овие денови маските паднаа и се знае кој е вистинскиот социјалдемократ, Оливер Илиевски ќе биде идниот градоначалник на Куманово. На 17 октомври сите заокружуваме број 12, вели Илиевски.
Димитриевски се кандидираше како независен за овие локални избори, по што беше исклучен од партијата која за кандидат за градоначалник на Куманово од СДСМ го избра Оливер Илиевски.
Според најавите, вечерва караванот „Најдоброто за мојата општина“ предводен од СДСМ ќе оди во Арачиново, а потоа во Куманово.
Ф.Ф.С.
Фото: ФБ профил Максим Димитриевски