Центарот за управување со кризи информира дека продолжува потрагата по лицето што вчера скокна во реката Вардар.
– По направената координација од страна на ЦУК со МВР, ДЗС, локалните самоуправи Гази Баба, Аеродром и Град Скопје, како и Црвениот крст, денеска се врши потрага низводно по течението на Вардар во ширина на пресекот на струјата на речното корито исклучиво од страна на специјализираните единици на МВР со чамец, се наведува во соопштението од ЦУК.
Според ЦУК, тимовите на Црвениот крст и ДЗС денеска не учествуваат во потрагата, затоа што густата крајбрежна вегетација не дозволува и ја отежнува визуелната потрага од двете страни на речното корито.
Од Центарот додаваат дека доколку лицето и денеска не биде пронајдено, за утре е планирано да се вклучи еден тим од ДЗС, специјализиран за вакви потраги и акции на вода, во пребарување на течението на реката Вардар, од село Таор кон Велес