Се уште се трага по девојчето од Скопје, три исчезнати лица оваа недела во земјава

by fokus

Полициски службеници и блиски луѓе на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, се уште трагаат по неа, за ,,Фокус” потврди нејзината мајка Зорица.
На девојчето кое било примерна ученичка во деветто одделение му се изгуби траг утрово, кога како и секој ден, тргнало на училиште, но не стигнало до училиштето.

-Бараме, полицијата е максимално вложена, но не ни знаеме каде да бараме. Телефонот на ќерка ми е исклучен од 7.34 часот утрово, како што појаснив и претходно, и замолувам доколку било кој има некаква информација, веднаш да се јави во полиција – вели мајката.

Таа денес раскажа дека Вања последен пат била видена во Дебар Маало, на пат кон Песталоци, кога заминала на училиште.
Немала никакви проблеми, ги провериле социјалните мрежи, немало ништо загрижувачко. Токму поради тоа мајката изјави дека се сомнева како нејзиното девојче можеби е киднапирано.

,,Фокус” денес објави и апел од велешанка, чиј татко Панче Жежовски, на возраст од 74 години, без здравствени проблеми, од средата е исчезнат. Тој бил познат фризер во Велес, витален човек без деменција, исчезнувањето било пријавено во полиција, а го немало и неговиот автомобил Цитроен, со регистарски таблички ВЕ 2931 АД.

Исто така, во тек на вчерашниот ден во полициската станица во Струмица, 37-годишен маж пријавил дека е исчезната неговата сопруга, 37-годишната Н.Г. Тие живееле во село Иловица, а од СВР Струмица информираа дека се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Вики Клинчарова

Поврзани новости