Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде нов премиер на Косово откако неговата партија победи на октомвриските парламентарни избори, објави вечерва дека преговорите со второрангираната партија на изборите, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) за фомирање на новата влада – пропаднаа, јави дописникот на МИА од Приштина.
Ден пред одржувањето на конститутивната седница на новото Собрание на Косово, Курти објави видео-порака, преку која обзнани дека двете досега опозициски партии, кои победија на изборите од 6 октомври, не успеале да се договорат околу поделбата на функциите во државата.
Лидерот на ВВ информира дека неговата партија му ја понудила на ЛДК функцијата на претседател на Собранието, додека за онаа на претседателот на државата бара да се расправа кога ќе дојде време, односно во 2021 година, кога ќе му истече мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.
Партијата на Иса Мустафа, според Курти, ја одбила оваа понуда, така што на утрешната конститутивна седница на новото Собрание ќе се оди без договор за коалициска влада.
– Синоќа не одби ЛДК и на тој начин не испраќа во Собранието на Република Косово без договор за влада. Моја морална одговорност е да ве информирам дека на утрешната конститутивна седница на Собранието ќе одиме без да го постигнеме тој договор. На договорот за владината програма не успеавме да го придодадеме оној за поделба на одговорностите, вели Курти.