Се уште не се знае колку дена била почината жената од Кавадарци и дали станува збор за убиство

by Fokus

Кавадарчани утрово ги вознемири веста дека во својот стан, каде живеела сама, е пронајдена почината 52-годишната Сузана С.С., а на нејзиното тело имало повреди.

Телото го пронашла нејзината ќерка Д.Т. синоќа, и во 23.40 часот пријавила во полиција. Лекар од кавадаречката болница констатирал смрт, бил извршен увид од увидна екипа на ОВР Кавадарци и јавен обвинител од ОЈО Кавадарци, по чија наредба телото било предадено на обдукција.

Од СВР Велес го потврдија случајот, и додаваат дека се преземаат мерки за негово расчистување.

Од ОЈО Кавадарци за ,,Фокус” истакнаа дека точната причина за смртта на жената ќе се знае по добивањето на резултатите од обдукцијата, односно дека од Судска медицина зависи кога ќе ги имаат деталите.

-Од првичните информации со кои располагаме, жената живеела сама во социјалните згради во близина на училиштето ,,Гоце Делчев”. Пред да го пронајде нејзиното тело синоќа, ќерка и ја немала видено неколку дена. Затоа, не го знаеме ниту точното време кога настапила смртта, односно колку време жената била почината. Одговорот на тоа, и на сите останати прашања ќе ги дадат резултатите од обдукцијата.
Лекарот од Итната медицинска помош веднаш ги забележал повредите од телото, ќе се утврдува дали евентуално тие се причина за смртта, истакнаа од ОЈО Кавадарци.

Неофицијално, Сузана имала вонбрачен партнер, со кого ја прекинала врската пред неколку месеци. Кавадарчани раскажуваат дека од социјален аспект, жената немала лесен живот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости