Украински авион со 167 патници и девет членови на екипажот се урна во средата во близина на аеродромот „Имам Хомеини“ во иранскиот главен град Техеран, јави државната телевизија, наведувајќи дека немало преживеани. До несреќата дојде на неколку часа откако Иран изврши напади врз американски цели во Ирак.
Според иранските власти, до несреќата дошло поради технички проблеми.
Спасувачки екипи веднаш биле испратени на подрачјето близу до аеродромот, каде што се урна авионот од типот Боинг 737 на „Украина Интернешнл ерлајнс“, меѓутоа, веднаш потоа беше соопштено дека никој не ја преживеал несреќата.
Авионот чија крајна дестинација била украинскиот главен град Киев по падот веднаш се запалил.
Несреќата се случи неколку часа откако Иран изврши балистички ракетни напади насочени кон две бази во Ирак. Тоа, како што се наведува во Техеран, било одмазда за убиството на генералот на Револуционерната гарда Касем Солејмани.
Иранската државна телевизија покажа, како што соопшти, ракети што се движат низ небото и снимки од експлозии и паника додека ракетите паѓале во, како што е наведено, воздушната база Аин Ал Асад во Ирак.
Во оваа база, како и во базата во ирачкиот град Ербил која исто така била цел на иранскиот напад има американски и коалициски сили.