Голем дел од автопат во југозападна Шведска се урна во текот на ноќта, при што три лица беа испратени во болница со полесни повреди, соопшти денеска полицијата.
Свлечиштето го оштети автопатот меѓу вториот по големина град во Шведска Гетеборг и главниот град на Норвешка Осло, во близина на градот Стенунгсунд, околу педесет километри северно од Гетеборг на западниот брег на Шведска.
-Најтешко погодените делови од областа на свлечиштето се со големина од околу 150 x 100 метри, соопшти спасувачката служба во Гетеборг.
Одронот затрупа десетина возила, шумска површина, деловен простор со бензинска пумпа и ресторан за брза храна, соопштија спасувачките служби.
Пожарникарите им помогнале на луѓето да излезат од возилото со помош на хеликоптер
-Во реонот на свлечиштето, пожарникарите им помогнаа на голем број луѓе да излезат од возилото со помош на хеликоптер, соопшти спасувачката служба во Гетеборг.
Неколку автомобили и камион паднале во дупки и пукнатини предизвикани од одронот, јави шведската новинска агенција ТТ.
Портпаролот на спасувачката служба за јавниот радиодифузен сервис СВТ изјави дека на сите лица во возилата им била укажана помош.
Полицијата на својата веб-страница објави дека покренала истрага дали свлечиштето е предизвикано од работа на блиското градилиште.
-Се уште не е познато дали има некаква поврзаност помеѓу/работата на локацијата и одронотВо моментов ниту едно лице не е осомничено за кривично дело, велат тие.
Спасувачката служба соопшти дека специјално обучен персонал и кучиња трагачи сега ќе ја пребаруваат областа и не може да се исклучи можноста за понатамошни одрони.