Доделувањето на Оскарите оваа година ќе остане запаметено по физичкиот напад на актерот Вил Смит врз комичарот Крис Рок на сцената, откако тој кажа невкусна шега на сметка на неговата сопруга Џејда Пинкет Смит.
Шегата се однесуваше на избричената глава на Џејда, која ја изгубила косата поради алопеција.
За тоа колку чувствителна тема за неа е губењето на косата, и колку и го променило животот, Џејда за прв пат проговори во 2018 година во емисијата Ред тејбл ток.
-Многу луѓе ме прашуваат зошто започнав да носам турбани. Не е едноставно да зборувам за тоа, но сепак, ќе зборувам. Еден ден се туширав и забележав дека имам премногу влакна во раката. Си помислив, Боже, дали јас оќелавувам?
Тоа беше еден момент во животот кога се тресеш од страв…
Морав да ја потстрижам косата. Веќе долго се борам со алопецијата, и по некое време ми се појави една оголена црта на главата. Тоа тешко се крие. Затоа и решив да ја споделам вистината со јавноста, за да не се поставуваат повеќе прашања- емотивно раскажа Џејда.
Појасни дека прима лекарства, но сепак тие само делумно и помагале, а не ја лекувале алопецијата.
Ќелавоста, или алопецијата, е губење на косата кое најчесто се јавува кај мажите, но може да се сретне и кај жените, иако во помал број. Кај жените се случува да биде привремена состојба, предизвикана од голем стрес, по раѓање, доење, како и поради разни медикаментни терапии, хормонски проблеми, или пак инфекција со микроорганизми и габи на коренот на влакното.
Џејда на својата официјална страница често објавува фотографии на кои гордо позира без коса, со цел да им даде поддршка на сите жени кои се наоѓаат во слична ситуација, но и да ја подигне јавната свест за оваа состојба која од корен им го менува животот на засегнатите, нарушувајќи ја нивната самодоверба.
Токму поради тоа, повеќе странски медиуми денес на темата објавија дека воопшто не поддржуваат насилство, но сепак јавноста треба да знае низ што минува Џејда и целото семејство Смит.
Вики Клинчарова