Сите кои се движат помеѓу селото Јанче и Ростушки мост да бидат крајно претпазливи, бидејќи на тој потег се движи мечка која синоќа била удрена од страна на автомобил – информираат од Националниот парк Маврово.
Појаснуваат дека поради повредата мечката може да биде агресивна. Апел до спортските риболовци и сите посетители, доколку ја забележат мечката веднаш да ги известат службите на Националниот парк Маврово е објавен на нивната официјална страница.
Во НП Маврово живее кафеавата мечка. Често пати се објавуваат нејзини фотографии, направени со помош на фотозамки. Овој вид најчесто е активен во ноќните часови, и е најголемото диво животно кое живее во Македонија. Според неофицијални податоци, бројот на кафеави мечки во земјава е околу 200 единки.
Женката може да достигне тежина до 150 килограми, а пак мажјакот и до 200 килограми. Се хранат претежно со растителна храна, а нивниот лов е забранет од 1996 година.
Вики Клинчарова