Се трага по кавадарчаните кои користеле сексуални услуги од велешанката која сопругот ја дрогирал и наведувал на проституција!

by Fokus

Во тек е истрага за утврдување на идентитетот на повеќе мажи од Кавадарци кои биле корисници на услуга, односно кај кои 45-годишен велешанец ја носел својата 35-годишна сопруга, и ја наведувал на проституција, за „Фокус“ потврдија од ОЈО Кавадарци. За настанот јавноста дозна вчера, откако обвинителството ги објави деталите.

Според тамошното соопштение, поведена е постапка против 45-годишен жител на Велес за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Посредување во вршење проституција според член 191 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во временскиот период од 2016 до октомври 2022 година, осомничениот во повеќе наврати вршел семејно насилство врз својата сопруга, така што со примена на сила, тепајќи ја и давајќи и наркотични дроги, ја наведувал на проституција.

Тој се договарал со различни лица и ја носел жената во Кавадарци, каде што ја принудувал да има сексуални односи со неколку лица во ист ден, за што наплаќал парични средства. Законската казна за ова кривично дело е од најмалку десет, до 20 години затвор. На велешанецот му е одреден притвор во рок од 30 дена, а предметот се работи во Кавадарци, бидејќи делото се вршело во овој град. Околу тоа како велешанката, која со осомничениот има две малолетни деца, по долги години на семејно насилство и наведување на проституција, решила да го пријави случајот, за ,,Фокус” појаснува Основниот јавен обвинител Елизабета Мишева Јорданова.

Таа открива дека жената најпрвин го пријавила сопругот за семејно насилство лани во ноември. Тогаш и била пружена заштита и заедно со децата била сместена во шелтер центар. Откако добила заштита, по два месеци се охрабрила да прозбори за она кое и се случувало шест години наназад, и преку полномошник, адвокат, се обратила до ОЈО Кавадарци.

-Во тек е истрагата за случајот и се работи на утврдување на идентитетот на корисниците на услугите, кои се од Кавадарци. Станува збор за повеќе лица. Жртвата даде опис на некои од нив, по лик, возраст, физиономија, за некои даде име, прекар, опиша куќи во кои сопругот ја носел да се се сретнува со клиентите. По утврдување на идентитет, сите тие ќе бидат повикани на разговор. Имаме и сведок, кој не бил корисник на услугите, но точно знаел како се одвивале настаните, и она кое тој го кажа се совпаѓа со изјавите на жената- вели обвинителката.

Додава дека најверојатно кога жртвата добила заштита во шелтерот, и кога веќе била тргната со децата подалеку од обвинетиот, се охрабрила и решила да го пријави случајот. Како што дознава ,,Фокус”, осомничениот е лице кое се занимава со приватен бизнис.

Поврзани новости