Се трага по исчезнатото 10-годишно дете во Мариово, се вклучил и хелихоптер од МВР

by Fokus

Од синоќа сѐ уште се трага по десетгодишно дете, кое исчезнало вчера околу 16 часот од селото Врбско во Мариово.

Вклучени се екипи на полицијата, од пограничната служба, кучиња трагачи, жители, од противпожарната единица од Прилеп, од ловечкото друштво Мукос и од изутрината во потрагата е вклучен и хеликоптер од МВР. Досега сѐ уште нема траги од исчезнатото дете, кое е со посебни потреби.

Според СВР Битола таткото на исчезнатото дете пријавил синоќа околу 18 часот дека неговиот син го снемало од селото.

Спасе Чакревски, од селото Витолиште меѓу првите се вклучил во потрагата. Раскажува дека таткото со сопругата и трите деца, меѓу кои десет годишниот Петар живеат во Прилеп, а од вторникот биле во селото Врбско каде имаат пчелни семејства. Потрагата била речиси цела ноќ, но, за жал, сѐ уште нема трага од детето. Околината е крајно непристапна, а детето било лесно облечено.

-Малиот Петар е загубен околу 16 часот, кога од дворот се упатил во непознат правец. Тие се жители на Прилеп, но во Врпско чуваат пчели. Ние неколку часа сме на терен заедно со полицијата и семејството, но засега нема никакви траги од детето. Упатувам апел секој кој го познава теренот да дојде и да помогне во потрагата. Оваа вечер можеби е пресудна за детето, бидејќи надвор е екстремно ладно, а детето заминало само по една блуза. Тука во близина е и реката Црна, вели Чакрески.

Тој додава дека  од изутрината се вклучил  и хелихоптер на полицијата.

-Баравме со светилки, теренот е многу непристапен. Селото од сите страни е оградено со нискостеблеста шума. Центиметар по центиметар пребарувавме. Во селото и во околината се беше пребарано, но за жал, нема никакви траги, вели Чакрески, жител на Витолиште, кој до изутрината учествувал во потрагата и ќе се придружи во попладневните часови.

Од прилепската противпожарна единица велат дека нивната екипа останува на теренот во Мариово и во потрагата по исчезнатото десет годишно момче.

Поврзани новости