Се токмат нови министерства за останатите партнери?

Новите 3-4 министерски места најверојатно ќе бидат за останатите коалициски партнери за да се постигне етничкиот баланс во владата.

by fokus

Алтернатива ја презема одговорноста со свои кадри и од своите редови ќе назначи: Министер за здравство, Министер за информатичко општество и администрација и Министер без ресор задолжен за дијаспора. Владата ќе воведе неколку министри без ресор со цел подобро да се справува со сите домашни и глобални предизвици.

Оваа изјава за премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев којашто ја даде на официјализирањето на влезот на Алтернатива во Владата остави впечаток дека партијата Алтернатива освен трите министерски места ќе добие и уште неколку министри без ресор коишто ќе се воведат дополнително.

Сепак, од СДСМ и Алтернатива потврдуваат дека партијата добива три министерски места, едно во Министерството за здравство, едно во Министерството за информатичко општество и администрација и еден министер без ресор задолжен за дијаспората.

Заев во изјава за Фокус е дециден дека Алтернатива ќе добие само едно министерско место без ресор, а за другите коишто ќе се воведат ќе одлучува новиот мандатар. И од Алтернатива потврдуваат дека тие имаат три министерски места.

Според нашите извори во СДСМ, новите министерски места најверојатно ќе бидат три или четири и ќе бидат за останатите коалициски партнери за да се постигне етничкиот баланс во владата. Од владата пак само кратко потврдија дека ќе има проширување, но други детали не соопштија.

-Штом се утврдат сите детали околу ресорите и кадровските решенија за новата проширена Влада, јавноста веднаш ќе биде информирана, рекоа за Фокус од владата.

Дел од коалициските партнери на СДСМ во владата веќе реагираа по потпишувањето на договорот на Заев со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски којшто има двајца пратеници во Собрание и едно министерско место, вчера рече дека очекува Заев да ги информира што договорил со Гаши за тие да одлучат, дали за нив како партија овој договор е прифатлив или не.

ЛДП: Ќе видиме дали договорот со Алтернатива е прифатлив за нас

Павле Трајанов, лидер на Демократски сојуз, еден од предизборните коалициски партнери на СДСМ што се застапени во Собранието во изјава за Фокус критикуваше дека фактот што сега во новата влада меѓу министрите може да има повеќе етнички Албанци отколку Македонци, според него, го нарушува етничкиот баланс предвиден и со Рамковниот договор.

Трајанов: Се нарушува етничкиот баланс во Владата

Во коалицијата предводена од СДСМ, освен ДУИ, други партии кои се застапени во Собрание се и ЛДП, ДОМ, НСДП, Демократски сојуз, ВМРО -Народна партија, Партија на пензионери, ДПА, Партија за движење на Турците и Демократска партија на Србите.

Како што објави Фокус, попладнево во 18 часот, Заев ќе има координативен состанок со коалициските партнери на којшто ќе ги информира за она што договорил со Гаши.

Заев свика координација со коалициските партнери

Пред заминување од лидерската и премиерската функција, Заев го стабилизираше парламентарното мнозинство со четворицата пратеници на Алтернатива.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости