Се спрема ли терен и за излез на Камчев од притвор?

by fokus

Откако екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, синоќа излезе од притвор од истражниот затвор „Скопје“, во јавноста се „подготвува терен“ за можно излегување на слобода и на Орце Камчев, исто така притворен за случајот „Плацевите на Водно“.

„Фокус“ побара одговор од Апелација дали е донесена одлука по жалбата на Камчев за притворот, а од таму ни одговорија дека сѐ уште нема одлука. Останува неизвесно дали судиите ќе одлучуваат денеска и утре, или по празниците.

Неговите адвокати пак сега се повикуваат на заклучок на Врховниот суд, според кој службената белешка, не може да се смета како доказ, алудирајќи дека притворот не може веќе да опстои, бидејќи бил одреден по службена белешка од АНБ.

Имено, Одделот за казниви дела на Врховниот суд, врз основа на членовите 31 и 37 од Деловникот на Врховниот суд, а во врска со примена на член 382 од Законот за кривичната постапка, на седницата одржана на ден 07.12.2021 година, донесе Заклучок дека: „Службена белешка не може да се изведува и да се цени како доказ во постапката пред судот“.

Ако се погледне член 382 од ЗКП, пак, јасно станува дека се мисли на докази кои се презентираат на главна расправа.

Од Обвинителството пак брифираат дека отсекогаш било јасно дека службената белешка не е доказ во кривична постапка. Во случајот со Камчев, пак, таа беше искористена како потврда за основаното сомнение дека бизнисменот ќе избега, а биле приложени низа други докази.

Како што веќе пишуваше „Фокус“, дојавата од АНБ за можното бегство на Камчев, беше само мал дел од барањето на обвинителството за притвор.

Поточно, обвинителството, кон тогашното барање за притвор, приложило дека Камчев покрај македонското има и бугарско државјанство, а биле наведени и останати докази и аргументи за можното засолнување кај источниот сосед. Како што дознаваме, пред судот биле приложени официјални информации од Централен регистер и Народна Банка за тоа колку фирми бизнисменот поседува во странство, нивните трансакции во изминатиот период, а биле обезбедени и податоци за неговата врска со офшор компании, како и информацијата дека поседува стан во Бугарија.

Односно, Обвинителството го убедило судот дека осомничениот би имал сосема удобен живот во Бугарија, каде што и наводно планирал да се сокрие.

Врската на Камчев со бугарските разузнавачки служби, пак, не е нова. Извори на „Фокус“ во МВР и Обвинителството потсетуваат дека тој и самиот се фалел дека со нивна помош ги обезбедил доказите за случајот „Рекет“. Тој, додека сведочеше во судница истакна дека пријатели од Бугарија го посоветувале како да обезбеди докази, односно да го снима предавањето на парите на Бојан Јовановски.

Камчев досега во неколку наврати нудеше гаранција за да излезе на слобода, но обвинителството не се согласуваше. Реагираа дека имотот кој го заложува е веќе оптоварен со хипотеки, или не е „чист“, односно не се поклопува со она што е заведено во Катастар.

В.В.

Поврзани новости