Петар Џобески, 11-годишното момче од Прилеп кое исчезна на 25-ти февруари во село Врпско, Мариовско, се уште не е пронајден. Во првите недели по исчезнувањето по него трагаа голем број на припадници на државните служби, доброволци, планинари…
Условите во кои се трагаше по Петар беа многу лоши поради минусните температури и снегот, но сега, како што појаснува неговата мајка Соња во разговор за ,,Фокус”, снегот веќе е стопен, што значи дека потрагата би одела полесно. Но, дали некој се уште трага по момчето во атарот на селото, таа нема информација.
-Слушнавме дека пред некое време десеттина луѓе повторно го барале. Ние сега сме во Прилеп, бидејќи останатите деца одат на училиште, јас се грижам за нив. Никој ниту ни се јавил да ни каже дали сега, дали откако е стопен снегот по Петар се трагало со хеликоптер, дали се снимал теренот со дронови, немаме никаква информација. Бевме повикани во полиција кога исчезна Петар, таму не прашуваа дали нешто знаеме, да кажеме каде е ако знаеме, и толку… Помина месеципол, веќе никој ништо не ни кажува – низ плач раскажува жената.
Покрај Петар таа и сопругот имаат уште пет деца. Вели дека за сите подеднакво се грижела, а поради попреченоста со која Петар бил роден, него му посветувале дури повеќе внимание. Сега, само очекувала да слушне глас, да дознае каде и е детето.
-На почеток, кога го снема, помислив дека некаде се скрил. Но, како минува времето, не верувам во тоа, се повеќе мислам дека некој човек го има земено, инаку како не може да се најде? Се сомневам дека некаде е одведен, киднапиран. Што друго да мислиме?
Со денови ниту можев да јадам, ниту да спијам, ваква мака за секоја мајка е нешто претешко кое не се опишува. Но, морам да ги гледам другите деца, и покрај тоа што душата ме боли и барам одговори. Што му се случи на моето дете, каде е, зошто не е пронајдено?-прашува Соња.
Појаснува дека цел живот се грижела за семејството и не одела на работа. Нејзиниот сопруг бил пензионер. Таа нема мобилен телефон, и го користи мобилниот на нејзината ќерка. Вели дека секогаш кога телефонот на ќерка и ќе заѕвони и ќе и рече дека некој ја бара на телефон, срцето и се стега.
-Првата и последната мисла е Петар. Како ѕвони телефонот, веднаш помислувам дека има некаква вест за него. Ако се изгубил во околината на селото, зошто не може уште да се најде? Ако некој го киднапирал, каде е сега? Сто пати си реков, ах зошто тој ден отидовме во Врпско, да останеше Петар дома, сигурно ова немаше да се случи… И деновите и ноќите ни се претешки, живееме со некаква надеж дека сепак, Петар ќе биде пронајден – раскажа мајката.
Кога исчезнал, Петар бил облечен во бела блуза, бела поткошула со плави шари и носел жолт елек со бела трака. Долниот дел тренерки му биле во темна боја, а на нозете имал розови чизми.
Фотографија и детали за него се објавени на страницата за исчезнати лица на МВР. Веќе неколку недели наназад, од МВР се немаат јавно огласено во врска со случајот, односно дали по Петар се уште има активна потрага во околината на селото, дали местото се уште се пребарува со хеликоптер или кучиња трагачи, или пак дали евентуално постои сомнеж дека можеби е киднапиран.
Вики Клинчарова