Поранешниот британски фудбалер и капитен на репрезентацијата, Дејвид Бекам на својот Инстаграм профил објави дека за Нетфликс се снима документарна серија за неговиот живот и кариера.
Една од работите за кои Бекам зборува во документарецот е како е да се живее со опсесивно-компулсивно нарушување (OCD), поради што поминува часови чистејќи го и организирајќи го својот дом додека, како што рече, остатокот од неговото семејство е во кревет.
„Тоа што, кога сите се во кревет, јас тогаш одам низ куќата, ги чистам свеќите, ги палам светилките на вистински начин, внимавам се да е уредно. Го исекувам восокот од свеќата и го чистам стаклото. Тоа е она што најмногу ме нервира – валкано и заматено стакло од свеќа. Знам, чудно е“, изјави Бекам.
Кога камерата забележа за тоа колку чисто изгледа неговата кујна, Бекам рече: „Јас ја чистам толку добро, не сум сигурен дека мојата сопруга толку го цени тоа, да бидам искрен“, на што неговата сопруга Викторија се појави во кадар велејќи: „Тој е толку совршен. Ти си ценет, Дејвид“.
Бекам разговараше за животот за OCD во минатото, велејќи дека ги поставува списанијата во прави линии и симетрични обрасци.
„Јас го имам ова опсесивно компулсивно нарушување каде што морам да имам сè во права линија или сè да биде во парови. Моите лименки Пепси ќе ги ставам во фрижидер и ако се премногу, тогаш ќе ги ставам некаде во друг шкаф… Се мора да биде совршено“, изјави поранешниот фудбалер, пренесе Танјуг.
Во објава на Инстаграм, Бекам напиша:
„Возбуден сум што можам да потврдам дека работам со Нетфликс на документарна серија за мојот живот и кариера. Серијата ќе содржи невидени архиви, нераскажани приказни, како и интервјуа со луѓе кои беа дел од моето патување. Серијата е во режија и продукција на оскаровците Фишер Стивенс и Џон Батсек“.