Се скина ли тапанот на Арсовска и организаторот на новогодишниот дочек: Скопјани се уште не знаат дали ќе има новогодишен дочек на плоштад и кој ќе им пее

by Fokus

Пред помалку од еден месец од дочекот на Новата 2025 година, македонската јавност се уште не знае дали во главниот град на плоштад ќе има организиран новогодишен дочек, ако евентуално има, кои ќе бидат изведувачите, со цел оние кои сакаат да слават на плоштад, да можат навремено да си планираат. Од Град Скопје се уште немаат излезено со официјално соопштение, што стана пракса веќе неколку години наназад.

Граѓаните изминативе години ги дознаваат деталите за дочекот неколку дена пред Новата година, и тоа најчесто преку медиумите, откако некој од пејачите учесници ќе открие дека ќе пее на плоштад.

Официјалните детали пак, за настанот зад кои стои градот, веќе традиционално се објавуваат во последен момент. Иста е приказната и годинава.

Во минатите две години за организацијата на дочекот беше ангажирана Комората на музичката индустрија на Македонија. Станува збор за организација формирана пред околу три години, по иницијатива на шесте музички здруженија од различни региони во кои членуваа повеќе од 2.000 музичари, а основана е со педесетина правни субјекти според Законот за формирање стопански комори.

Претседател на Комората е Горјан Стојановски, и во неа членуваат познати музички имиња од земјава. Град Скопје ја подготвуваше програмата во соработка со Комората, и настапуваа исклучително домашни музичари.

Но, годинава Стојановски се уште не бил контактиран од мајката на Град Скопје, Данела Арсовска, ниту пак од било кое надлежно лице од Град Скопје, и не знаел како ќе се одвиваат работите.

-Засега можам да кажам дека не знам како ќе одвиваат работите околу организација на дочекот оваа година. Не сум контактиран од никој од Град Скопје, а повеќе колеги, музичари ми се јавуваат периодов, имаат желба да настапуваат на дочекот и сакаат да ги планираме, но верувајте дека јас ништо не знам, кратко порача претседателот на Комората.

И додека во регионот веќе со недели наназад се знае во кој град кои музичари ќе пејат за дочекот, кај нас најверојатно ќе се одлучува во последен момент.

Поради тоа, и домашни фолк пејачи реагираат, а некои од нив за ,,Фокус” раскажаа дека се разочарани од ненавремената информираност и организираност на настанот.

-Со месеци наназад некои колеги знаат каде ќе настапат за новогодишната ноќ, а ние кои имавме желба да пееме на плоштад, не можеме ништо да си испланираме, оти се уште чекаме евентулано да ни јават дали ќе има организиран дочек, кој ќе биде концептот, дали воопшто ќе се ангажираат изведувачи на народна музика.

Сепак, за дочекот и хонорарите се највисоки, па секој музичар сака со време да планира. Дури и во мали угостителски локали веќе со недели се знае кој ќе пее за дочекот, луѓето сакаат да си резервираат навремено, а не да ги чекаат последните денови, раскажаа наши фолк пејачи.

Останува неизвесно дали и годинава за организацијата ќе биде задолжена Комората, или пак од Град Скопје имаат друг план.

Како потсетување, минатата година празничниот настан на плоштад, кој траеше 14 дена, беше отворен на 25 декември, а некоку дена претходно се дознаа имињата на пејачите. Во програмата беа вклучени над 50 домашни музичари.

Вики Клинчарова 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости