Премиерот, Зоран Заев, вели дека промената на Уставот нема да даде трајна гаранација на Грција при промена на името. Во врска со инсистирањата од грчка страна, тој порача дека меѓународната пракса во решавање на вакви спорови е нешто што останува вечно.
-Промената на било што во правниот систем Македонија не значи трајна гаранција за Грција, бидејќи се што се менува може да се врати назад.Многу е важно да го практикуваме тоа што целиот свет го знае, а тоа е меѓународна позната пракса на решавање на вакви спорови и тогаш останува вечно. Јас сум убеден дека преку ваквите пристапи, водејќи грижа колку е тоа важно за граѓаните на Грција и на Македонија, можеме и да го најдеме решението на спорот што го имаме со Грција, рече Заев по денешното рочиште за случајот „Поткуп“ во Кривичниот суд.
Одговарајќи на новинарско прашање за информациите објавени во грчки „Катимерини“, дека е постигнат договор за три точки, премиерот рече дека е затворено прашањето за иредентизмот. Во прилог на ова потсети дека Македонија направи отстапки со тоа што се согласи на промена на имињата на автопатот и аеродромот во Скопје, а додаде и дека после можен договор, било разговарано да се формираат работни групи кои ќе ги ревидираат учебниците од двете страни.