Поради кризната состојба со електрична енергија, во студентските домови во Скопје има одредено ограничување на работа на лифтовите во студентските домови „Гоце Делчев“, „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“. Оваа информација за „Фокус“ ја потврди и директорот на Државниот студентски центар, Виктор Велевски.
„Согласно мерките за штедење на електрична енергија во период на енергетска криза, донесени од Владата на РСМ, кои задолжително важат за сите државни институции, Управниот одбор на ДСД Скопје донесе мерки за штедење во објектите на ДСД Скопје, односно студентски дом „Гоце Делчев“, студентски дом „Стив Наумов“ и студентски дом „К.Ј.Питу“ во кои една од истите е ограничување на периодот на користење на лифтовите, т.е. во работни денови (понеделник-петок) од 07:00-20:00 часот и викенд (сабота-недела) од 16:00-22:00 часот. Нема ограничување на катови. Во овие периоди лифтот работи на сите катови. Ова ограничување е направено при анализа на обврските на секој студент поврзани со факултетот“, истакна Велевски.
Студентите не се задоволни од оваа мерка, особено тие кои живеат во студентскиот дом „Гоце Делчев“, кој има 14 ката.
„Со оглед на кризната состојба во нашата држава, доволно сум свесна дека треба да има некакви рестрикции и ограничувања во однос на искористувањето на електричната енергија. Но, како студент кој што живее во студентски дом и има право да ги користи сите услуги кои што ми се нудат, сметам дека одлуката која е донесена во врска со работата на лифтовите воопшто не е правилна. Студентскиот дом донесе одлука со која се ограничува работата на лифтовите (од два лифтови, само еден е во функција) и тоа до 20 часот. Сите студенти сме многу разочарани, бидејќи ние како иднина и темел на една држава, сме лишени од основните потреби кои треба да ги има секој студент кој што студира надвор од местото на живеење“, вели студентка за „Фокус“.
Јорданчо Цветаноски