Екипите на Град Скопје почнаа да го реконструираат познатото шеталиште пред Градски парк, од потегот кај скопската гостилница „Кај Жабарот“, па се до почетокот на влезот во Градскиот парк, кај Министерството за земјоделие, веднаш спроти паркот на Франкофонијата.
Од Град Скопје соопштија дека во должина од 140 метри и со ширина од 10 метри, шеталиштето помеѓу тројниот дрворед на скопските липи ќе добие целосно нова и реконструирана патека од лиен бетон, а ќе бидат поставени и нови клупи и канти за џебен отпад.
Овој потег иако е еден од најфреквентните делови од кејот на Вардар, веќе подолго време беше руиниран и преставуваше критично место при шетање или движење со велосипед.
-Ова не е прва активност на Град Скопје кога станува збор за реконструкција на јавните простори во градот, поточно кејот на Вардар и Градскиот парк. Покрај целосно исчистеното корито на Вардар од хотелот „Александар Палас“ до Аеродром што преставува големо задоволство за скопјани, Град Скопје е во завршна фаза и со реконструкцијата на шеталиштето на кејот „13-ти Ноември“, а во тек е и реконструкцијата на пешачките патеки во вториот дел од Градски Парк, каде веќе се обновени и сите пешачки мостови, додаваат од Град Скопје.