Се уште нема одлука дали Владата ќе им помогне на јавните и комунални претпријатија да плаќаат пониски сметки за струја. Поради недомаќинско работење дел од овие институции плаќаат за 50 отсто поскапа струја, бидејќи не склучиле договор на време. Па поради тоа, ја добиваат од таканаречен снабдувач во краен случај – од ЕВН ХОУМ, за да не останат без електрична енергија.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска рече дека како Влада се свесни за проблемот со кој се соочуваат овие установи и целат кон системско решение. Засега, како што рече, не може да се каже кое ќе биде решението, а повеќе пресметки најави на почетокот на вториот квартал. Таа рече дека се прави сеопфатна анализа за потрошувачката на струја во училиштата, болниците, комуналните претпријатија и други јавни установи кои имаат енормни сметки за струја.
„Се размислува да се направи посебен пакет за нив со понормална цена, а се работи и на формирање балансна група во која ќе бидат групирани“, рече Божиновска.
Според законот, ЕВН може најмногу да им испорачува три месеци, но таа е со далеку повисока цена од онаа која можеле навреме да ја договорат на отворен пазар. До сега никој не одговарал за тоа што се трошат државни пари за да се плаќаат високи сметки. Дел од овие јавни комунални претпријатија сега бараат да добиваат поевтина струја.