Поврзување на Скопје со Прага, соработка меѓу двата аеродроми и воведување на нови авиолинии, беа тема на разговорите помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и Јири Пос, претседател на Бордот на директори на aеродромот Вацлав Хавел – Прага, на средбата што денеска се одржа во Прага.
Вицепремиерот Николоски потенцираше дека Владата е максимално посветена на поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Македонија и во рамките на приоритетите што ги реализира, се спроведуваат политики на воспоставување на широка мрежа на линии низ Европа и светот.
Тој на средбата ги презентираше можностите и условите што ги нуди државата за нови авиокомпании заинтересирани за операции од двата домашни аеродроми, истакнувајќи дека Владата ја разгледува секоја можност за соработка, упатувајќи на условите за финансиска посдршка за воведување на нови линии.
На средбата се отвори и прашањето за соработка меѓу аеродромот во Прага и Меѓународниот аеродром Скопје, како и можноста за воспоставување на нова линија меѓу Скопје и Прага, имајќи ги предвид добрите билатерaлни односи меѓу двете земји и потребата од поблиска комуникација меѓу двата народи.
Исто така вицепремиерот Николоски на средбата ги истакна и потенцијалите на аеродромот во Охрид и туристичката понуда што ја овозможува охридско-струшкиот регион, како предност за воспоставување на нова авиолинија до Охрид. Притоа се разговараше да се разгледа можноста за воспоставување на нова авиолинија Охрид – Карлови Вари.
Во рамки на работната посета на Прага, вицепремиерот Николоски денеска оствари и средба со претставници на автомобилската компанија Шкода на која се разговараше за идна соработка.
Вицепремиерот Александар Николоски е во работна посета на Чешката Република, каде учествува на пленарната сесија на Заедничкиот комитет за економска соработка меѓу Македонија и Чешката Република.