Недалеку од Прилеп, во селото Мелница, Мариово се наоѓа родната куќа на македонскиот раскажувач и романописец, Стале Попов. Но, состојбата во која се наоѓа истата е катастрофална, а сликите од ова место се тажни.
Кровот одамна попуштил на времето, околу куќата се обраснати високи треви и трње, а полека и камените ѕидови почнале да паѓаат.
Во селото не живее никој, а според неколкуте жители на Прилеп и соседното село Витолиште, кај куќата имало спомен плоча на Стале Попов, но и таа пред извесно време паднала.
Стале Попов е еден од најзначајните книжевници во македонската историја. Потекнува од земјоделско семејство, а својата љубов кон пишаниот збор ја искажал во млади години.
Негови најпознати литературни дела се „Крпен живот“, „Толе Паша“, „Калеш Анѓа“ и др. Стале Попов починал на 10-ти март, 1965 година на 62-годишна возраст.