Општина Куманово ќе определи локации за нови бушотини за вода кои ќе им користат на пожарникарите, најави денеска градоначалникот Максим Димитриевски по завршување на 88-та седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување.
Димитриевски информираше дека минатата недела во Куманово се регистрирани 60 пожари, a во четвртокот имало 15 интервенции во еден ден.
Проценката на штетите од пожарите, појасни кумановскиот градоначалник, се спроведува со поддршка на ТППЕ Куманово, кои даваат информации за пожарите, се оди на лице место, се фотодокументира.
– Откако ќе ги направиме тие проценки ќе ги упатиме сите записници до Владата каде што треба да се донесе одлука за обештетување на граѓаните, бидејќи факт е дека имаме веќе дефинирана кризна состојба. Согласно законот Владата тоа може да го стори, а во другиот случај сите оние лица коишто се опожарени имаат можност да поднесат барање до Советот на Општина Куманово – истакна Димитриевски.